Американскиот фудбалски прволигаш Интер Мајами и неговата прва ѕвезда, осумкратниот освојувач на „Златната топка“ Лионел Меси, на 1 февруари идната година ќе гостуваат во Ријад каде ќе одиграат пријателски натпревар против саудискиот клуб Ал Наср, во чии редови настапува Кристијано Роналдо, потврдија денеска двете екипи.

Тоа ќе биде 38. пат 36-годишниот Меси и 38-годишниот Роналдо да се најдат на спротивните страни на теренот, од кои 30 пати во меѓусебните дуели двете големи фудбалски ѕвезди ги носеа дресовите на Барселона и Реал Мадрид.

Нивниот прв дуел се случи во 2008 година, а последниот на 19 јануари оваа година, кога пријателски натпревар одиграа Ал Наср и ПСЖ.

Португалецот Роналдо го облече дресот на Ал Наср на 30 декември лани, додека Аргентинецот Меси го напушти француски ПСЖ на 7 јуни оваа година и се приклучи на екипата од Флорида чиј сопственик е поранешниот англиски репрезентативец Дејвид Бекам.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 17:30