- Почна украсувањето на централното градско подрачје во Штип за новогодишните празници. На Градскиот плоштад „Слобода“ денеска се поставуваше елката, а украсувањето со светилки и украси на мостовите и улиците е почнато од викендот.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов вели дека очекува градот да биде украсен пред патрониот празник Свети Никола.

-Веќе неколку денови се врши поставување на светилките, на украсите во централното градско подрачје. Традицијата е од Свети Никола до Стара Нова Година да биде украсен Штип. Планот е ден пред Свети Никола да светне во предновогодишен сјај, изјави Јорданов.

Штип се украсува со нови светилки и украси коишто чинат половина милион денари. Јорданов најави дека како и претходната година пред празникот Свети Никола децата ќе ја украсуваат елката на плоштадот „Слобода“.

-Нови се светилките во центарот на градот, мал дел кои останаа од лани ќе бидат искористени, но во центарот ќе бидат поставени нови светилки и украси. 500 илјади денари се обезбедени од Буџетот на Општина Штип, рече Јорданов.

Тој апелира до граѓаните да бидат совесни и да го чуваат она што е поставено, со цел подолго и подобро Штип да ги пречека претстојните празници.

-Како и колку ќе биде украсен центарот на Штип зависи од совеста на нашите сограѓани затоа апелирам до нашите сограѓани да бидат одговорни, совесни и да ги чуваат светилките и украсите поставени во центарот, додава Јорданов.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2023 00:44