- Раководителот на тетовскиот општинскиот сектор за јавни дејности Назми Даути заедно со дел од раководителите на основните училишта денес одржа прес-конференција од која ја обвини централната власт дека ги намалува средствата за образовните установи во Тетово. Даути рече дека намалување на средствата е причина за голема загриженост за иднината на тетовските основни училишта.
- Владата и Министерството за образование и наука играат неморални игри со судбината на нашите ученици. Лошите резултати на учениците според ПИСА тестирањето се јасен знак дека нешто не е во ред во нашиот образовен систем. МОН наместо да се фокусираат на подобрување на квалитетот на образованието и да обезбедат доволно ресурси за ефективно образование, тие го намалуваат буџетот за нормално функционирање на основните училишта во Општина Тетово. Со буџетот што го планирате вие, всушност го потценувате образованието и нашите ученици. Ова е сериозно прекршување на довербата што ја добивте за да го водите образованието во вистински правец.
Намалувањето на буџетот во вид на блок дотации за 2024 година за основните училишта, според Даути изнесува за околу 18 милиони денари.
- Намалувањето е драстично и нема да биде доволно ниту за одржување на наставниот процес во нашите училишта. И покрај тоа што сме на крајот од првото полугодие од учебната година, Министерството за образование сè уште ги нема обезбедено потребните книги за правилно функционирање на образовниот процес. Сега, со намалувањето на блок дотацијата за 2024 година ќе нема услови ниту за непречено одвивање на наставниот процес во нашите училишта, чекор кој се повеќе го тоне образованието. Бараме транспарентност, отчетност и одговорност. Нашите ученици, нашата иднина бара квалитетно образование и демократско владеење. Да не дозволиме игрите од ваков карактер да продолжат на штета на образованието. Вие сте одговорни за нашата образовна иднина и не смеете да дозволите да има пречки на патот кон развојот и образованието на нашите ученици, истакна Назми Даути.
Од денешната прес-конференција тие упатија повик до Министерството за образование и наука да го смени начинот на менаџирање и да се фокусира на постигнување на највисоките стандарди за квалитетно образование.