Претседателот на грчката фудбалска лига, влијателниот бродосопственик Вангелис Маринакис, ја објави денеска својата оставка по серијата насилни инциденти кои го потресоа спортот во Грција.
„Немам ниту време, ниту желба да продолжам да бидам вклучен во управувањето со Лигата, додека зборовите на поедини членови на Управниот одбор не се во согласност со нивните постапки“, напиша Евангелос „Вангелис“ Маринакис во писмо до членовите на Управниот одбор на грчката фудбалска лига.
Овој 56-годишен бродосопственик, воедно, е претседател на грчкиот фудбалски гигант Олимпијакос, како и на премиерлигашот Нотингем Форест. Исклучително влијателен во Грција, исто така, Маринакис е на чело на голема медиска групација, во која се истакнуваат дневниот весник „Та Неа“ и телевизискиот канал „Мега“.
Неговата оставка доаѓа ден по серијата мерки што ги усвои Владата во Атина во обид да одговори на насилството што се прошири во грчкиот спорт, а особено во фудбалот, најпопуларната игра во земјата.
Како дел од преземените мерки, сите натпревари во грчкото фудбалско првенство до 12 февруари идната година ќе се играат пред празни трибини, а на стадионите ќе бидат засилени мерките за безбедност.