Делегацијата на Европската Унија и Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН организираа ораторски натпревар во Европска куќа Битола по повод 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.

Како што соопштија денеска од Делегацијата на ЕУ, на настанот се обрати Бен Нупнау, заменик-шеф на ЕУ Делегацијата, кој ја истакна потребата од дејствување за заштита на човековите права.

-Одбележувањето на Универзалната декларација оваа година е повик за дејствување, потсетник на нашата колективна и индивидуална одговорност да се бориме за своите и за основните човекови права на другите, рече Нупнау.

Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН, во своето обраќање ја истакна важноста од користење на нашиот глас во застапувањето на човековите права и клучната улога на вклученоста на младите.

-Тоа е главната алатка која ви овозможува решавање на проблемите што влијаат на вашата заедница, на вашата нација и на светот. Од бездомништво до климатски промени, можеме да се справиме со сѐ, ако го користиме нашиот глас. Дополнително, младите треба да бидат вклучени во општеството и да бидат гласни за проблемите со кои се соочува нивната заедница, посочи Дуџиак.

На ораторскиот натпревар, поддржан од Јуроп хаус во Скопје и во Битола во соработка со младиот ораторски клуб Форум Ораторес, учествуваа шест финалисти, избрани од отворениот повик до правните факултети од Скопје, Штип и Битола. Младите оратори, кои поминаа речиси 6-неделна обука за ораторски вештини, јавно говорење и пишување говор, ги покажаа своите вештини и длабоко разбирање за прашањата за човековите права, настапувајќи со своите говори на теми чиј опсег опфаќа родова еднаквост до права на децата.

По внимателно размислување, жирито ја избра Јулијана Ѓоргова за најдобра изведувачка и ѝ го додели првото место. Второто и третото место им припаднаа на Бојана Бурческа, односно Христина Гарабиљевиќ. Ораторската церемонија вклучуваше и неконкурентни изведби на неодамнешните победници на ораторски конкурс од истите три факултети.

-Настанот не само што послужи како платформа за младите гласови за човековите права, туку и како потсетник за релевантноста и важноста на Универзалната декларација за човекови права додека ја одбележуваме нејзината 75-годишнина, се наведува во соопштението.

Со ораторскиот натпрева беше завршена и кампањата 16 дена активизам организирана заеднички од ЕУ, ОН и ОБСЕ против родово базираното насилство, започната на 25 ноември во Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2023 04:20