Доколку разговарате со претставници на голем број членки на ЕУ тие во неформални разговори ќе ви кажат дека најголемата блокада која што Македонија си ја поставува на самата себеси е недостатокот од реформи, распространетата корупција на секое поле која што евидентно беше нотирана во најнегативниот извештај кој што Европската комисија го има дадено за Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју на Алсат телевизија запрашан за тоа дали партијата се гледа како блокатор на европската иднина на Македонија.
Додаде дека секојдневно гледаме неиспорачување на клучните реформи насочени кон владеење на правото, борба против корупцијата, реформа во правосудството.
„Македонија да беше успешна земја, да чекореше напред, позитивно кон патот на реформите, верувам дека немаше да дојдеме ни до ваква ситуација . Ние велиме дека треба на достоинствен начин, македонските национални интереси да бидат заштитени, да Македонија да чекори напред кон евроинтегративниот процес, но притоа, на никој начин да не биде оштетен националниот идентитет на Македонците кои што живеат во државава“, рече Муцунски. Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има план и концепт како да го реализира членството во Европската унија, а истовремено да го заштити националното достоинство на Македонците.
„Имаме план, имаме концепт како тоа да го реализираме и верувам дека со дипломатија која што е насочена помалку кон самопромоција на личноста и градењето на култ на министерот за надворешни работи, туку дипломатија која што ќе биде насочена кон постигнување на политички резултати, посебно во комуникацијата со земјите членки, може да се постигне некое такво решение кое што ќе значи и заштита на националното достоинство на Македонците и успех во евроинтеграцискиот пат“, истакна Муцунски.
Во однос на евентуално коалицирање после победата на изборите следната година, за што се поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува убедлива победа, Муцунски рече дека посакувана опција е ВМРО-ДПМНЕ да формира реформска влада, влада која што ќе биде базирана на политики, влада која што ќе биде базирана на привлекување на странски директни инвестиции, на отворање на нови работни места.
„Време е идна коалиција со било кој субјект да се базира на политики и на тоа што можеме ние за да имаме успешно образование, да имаме јавно здравство кое што не ги тера нашите граѓани да трошат стотици и илјадници евра на месечна основа да се лекуваат во приватни клиники и надвор од нашата држава. Тоа е тоа, тоа е тој фундамент врз основа на кој треба да ја градиме идната влада“, посочи потпретседателот Муцунски.