И оваа година, петта година по ред, мајката Елена, позната на Инстаграм како @elenagagic во соработка со други мајки, преку својата мисија на проектот „Да бидеме хумани“ подарува искрени насмевки и радост за новогодишните празници.

Токму таа, во текот на изминатите години како активистка на социјалните мрежи поттикна многу граѓани и компании заедно да донираат за децата од социјално загрозените семејства од руралните средини, за и тие да ја почувствуваат новогодишната магија.

Акцијата се спроведува во соработка со здружението „Љубезност" и здружението „Линк“.

„Драги пријатели, чест и задоволство ни е што оваа година по петти пат можеме да ви го претставиме нашиот проект, а би биле среќни доколку повторно одлучите да бидете хумани и да се пријавите. Концептот е веќе добор познат – да бидеме хумани, да донирам и да се забавуваме“, истакна Елена.

Таа посочи дека постојат повеќе начини за да се вклучите во овој проект.

„За почеток отвораме работилница на тема „Празнична магија“. Вклучете се во работилницата со вашите дечиња, ученици од градинки, училишта, едукативни центри, креирајте и забавувајте се, така што за учество во работилницата се донира 100 денари за секое дете. Новогодишните изработки треба да се изработат со реупотреба на материјали, без готови и веќе спремни производи. Новогодишната работилница ќе трае до 17 декември, а сите детали за процесот ќе ги најдете на мојот инстаграм профил“, наведе Елена.

Благодарение на донациите од минатата година и учеството и поддршката на локалните бизниси, беа подарени повеќе од 3000 новогодишни пакетчиња на деца од социјално загрозени семејства, а исто така беа собрани материјални донации на пакетчиња и производи за повеќе од 300 пакетчиња.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2023 17:40