- Општина Велес за годинава од општинскиот буџет со одлука на Советот издвои досега најмногу 3,5 милиони денари за новогодишно украсување на градските улици и на Младинскиот парк. Како што информираат за МИА од Општина Велес, во тие рамки првпат со лед светилки целосно се украсени стеблата на сите дрвца од кружниот тек „Авона“ во Новиот дел на градот па се’ до центарот и надолу по улицата се’ до Градскиот Саат.
Целосно се осветлени и со новогодишни лед светилки и украси главните велешки улици „8 септември“ и „Благој Ѓорев“.
Со украсувањето, како и во изминатите години, целосно е опфатен Младинскиот парк каде е поставена нова светлосна елка и два големи подароци со лед светилки и други светлосни украси.
Старата градска елка во текот на денешниот ден ќе биде монтирана и украсена со светилки на нова локација на крајот на дворот на велешката Гимназија „Кочо Рацин“.
Во центарот на Велес, кај Народниот музеј и поранешната градска библиотека на главната улица што ги поврзува двете страни, е поставено ѕвездено небо, кое треба да биде пуштено овој петок.
Како што за МИА информира Александра Aндреева од ОПштина Велес, и годинава како и во изминатите години, нема да има организиран пречек на Нова година со програма на отворено, но затоа од 27 до 30 декември Општина Велес подготвува богата програма за сите граѓани, посебно за децата и младите.
Во тие рамки ќе има продажен хуманитарен Новогодишен базар, ќе има поставено и новогодишни куќарки со храна и топли напивки, како и настап на музички групи и изведувачи, театарски претстави...