- Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денеска информираше дека во градот нема да има предновогодишно украсување, оценувајќи дека има поважни потреби. Според него, тоа ќе биде можно кога општината финансиски ќе биде во, како што рече, покомотна ситуација, и кога нема да има вакви основни проблеми во делот на снабдување со вода, чистење на градот и изградба на јавната инфраструктура.

- Ако претходно имаше прашања кога и како ќе се плаќаат заостанатите плати, сега приоритет е тоа. Да ги санираме проблемите кои ги ни оставија од претходната власт. Тие не оставиле ништо што може да се искористи за украсување на градот. Тоа било во договор со приватни компании кои за се бараат пари. Во ситуацијата, Тетово има поголеми проблеми за решавање од тоа што треба да се украси градот, истакна Касами денеска по промоцијата на изградба на заштитен ѕид.

Касами изрази жалење што Тетово е во таква ситуација да не може да го украси градот, потенцирајќи дека враќањето на долговите се поважни.

- Тоа што ни оставија како долг, пак ќе се постави прашањето и како претходно, како може да се намали во исто време долгот и да се реализираат проекти. Ние работиме домаќински, не трошиме тоа што не ни е неопходно. Кога ќе ги решиме долговите на општината, кога ќе бидеме ослободени, затоа што сè уште сме ние под извршители кога ќе реализираме овие основни проблеми во делот на јавна чистота, снабдување со вода. Не може да им кажеме на граѓаните дека нема да има вода затоа што ќе трошиме 50 илјади евра за украсување на градот. Ќе дојде ред и на тоа, но прво овие други потреби, рече Касами.

Минатата година најави дека само плоштадот делумно ќе биде украсен на две недели до Нова година, но тоа не се случи, наведувајќи дека треба да се штеди електрична енергија. Во пресрет на 2021 година, нешто повеќе по еден месец по преземањето на должноста Касами тогаш изјави дека нема пари за предновогодишно украсување на градот и организирање новогодишна прослава.

Во 2020 година претходното раководство информираше рече дека парите за предновогодишно украсување во Тетово ќе бидат пренаменети за инфраструктура и справување со пандемијата.

И во 2019 година не беа искористени средства за предновогодишно украсување и новогодишен дочек во Тетово, а парите беа пренаменети за помош на градот Драч во Албанија каде истата година имаше земјотрес.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2023 00:56