Исклучување на екипата од првенството за сезоната 2023-2024 во случај на продажба на билети или присуство на гледачи, предвидува законскиот акт за одигрување без публика во следните два месеци на сите натпревари од првата фудбалска лига во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Законскиот акт, што е потпишан од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакс и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, доаѓа откако во понеделникот владиниот портпарол ги соопшти мерките за справување со спортското насилство, а денеска беше објавен во Службен весник на Грција и ќе биде во сила до 12 февруари 2024 година.

Мерката забрана за гледачи, исто така се однесува и на натпреварите од Купот на Грција за екипите што играат во првата лига, како и за пријателските натпревари.

На натпреварите, дозволен е влез до десет претставници на гостинската екипа.

Паралелно, за конкретниот временски период им се дава можност на министерот надлежен за спорт и министерот за заштита на граѓаните да издадат заедничка одлука „од итни причини за заштита на јавниот ред и безбедност“ со која ќе се забрани продажба на билети и присуство на гледачи на натпреварите организирани од УЕФА, доколку грчки тим е домашна екипа.

Законскиот акт предвидува дека до 12 февруари 2024 година ќе се оценуваат резултатите од примената на мерките за да се разгледа нивното продолжување, „во случај да не се почитуваат целосно законските услови за безбедно одржување на фудбалските натпревари“.

Одигрувањето на сите фудбалски натпревари без публика е дел од мерките на грчката Влада во справувањето на спортското насилство, откако минатата седмица пред салата во која се одржуваше одбојкарски натпревар, сериозно беше повреден полицаец.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2023 03:29