Грчкиот фудбалски прволигаш Олимпијакос реагира на одлуката на властите денешниот натпревар на домашен терен со Бачка Топола да се игра без публика.
- Станува збор за прашање на демократија и Олимпијакос ќе ги брани своите права упатувајќи се до грчката и европската правда против надлежните министри кои ги донесоа одлуките и направија неприфатлива дискриминација меѓу грчките граѓани, соопштија од фудбалски клуб Олимпијакос по одлуката на грчката Влада, денешниот натпревар во Лига Европа со Бачка Топола да се игра без публика, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Олимпијакос преку соопштението прашуваат зошто останатите натпревари се одигруваат регуларно со присуство на гледачи како пример споменувајќи одбојкарски и кошаркарски натпревари од европските првенства.
-Во исто време со нашиот натпревар, на неколку километри од стадионот Карајскаки, регуларно и со присуство на навивачи ќе се одигра натпреварот помеѓу Панатинаикос и Макаби Хаифа. Нормално ќе присуствуваат навивачите на израелскиот тим, односно, навивачите на Панатинаикос и навивачите кои дошле во Грција од завојувана земја можат нормално да го гледаат натпреварот на својот тим без да се смета дека се во опасност од било што и од која било причина, додека навивачите на нашиот тим и оние кои дошле од Србија не можат да влезат на стадионот, соопштија од Олимпијакос.
Посочуваат дека екипата не е казнета ниту од УЕФА ниту од некој дисциплински орган за конкретниот натпревар да се игра без публика и додаваат дека „ќе биде првпат во историјата на европските купови, тим да се натпреварува на европски натпревар без навивачи со законски акт и заедничка министерска одлука“.
Одигрувањето на сите фудбалски натпревари без публика е дел од мерките на грчката Влада во справувањето на спортското насилство, откако минатата седмица пред салата во која се одржуваше одбојкарски натпревар, сериозно беше повреден полицаец.
Одлуката што е во сила до 12 февруари 2024 година се однесува на Првата фудбалска лига, на Купот на Грција, но и на денешниот натпревар на Олимпијакос во Лига Европа.