Во Скопје денеска се одржа промоција на базата на податоци за медиумско сопствеништво која се обидува да даде одговор на прашањето кој ги поседува медиумите. Проектот е во организација на „Балканската истражувачка репортерска мрежа“ (БИРН) и меѓународната непрофитна организација „Глобален медиумски регистар“ (ГМР).
Ана Петрушева од БИРН во своето обраќање денеска на промоцијата посочи дека на базата се работеше речиси шест месеци од нивниот тим по методологија на глобалниот медиумски регистар и се обидува да даде одговори на дел од прашањата кој ги поседува медиумите, како луѓето можат да оценат веродостојни содржини и како новинарите квалитетно да работат ако не знаат кој ги контролира медиумите каде што работат.
-Македонија има проблем кога се работи за мерење на публика затоа што постојат или парцијални или неверодостојни податоци. Во таа смисла, ние се водевме според регистарот кога ја правевме, методологијата односно како ја направивме селекцијата кои медиуми ќе влезат во оваа база, додаде Петрушева.
Како што посочи, најмногу се воделе според тоа кои се најголемите телевизии според регистарот, значи петте национални, плус јавниот дифузер, како и најголемите кабелски и сателитски.
-Тој избор беше прилично лесен кога се работи за печатените медиуми и радијата, бидејќи постојат се помалку. Критериумите беа да бидат на национално ниво и да бидат со информатовни содржини. Имавме покриено пет радија и пет печатени медиуми, додаде Петрушева.
Таа појасни дека ова е добро за граѓаните да можат да знаат од каде ги добиваат информациите, но и за сите во и надвор од земјата кои сакаат да добијат конкретни податоци.
Во рамките на проектот за мониторинг на медиумското сопствеништво се вклучени повеќе од 30 медиуми (печатени, онлајн, радио и ТВ) избрани врз основа на нивното влијание и информативната содржина.
Базата за медиумска сопственост е дел од поголем проект што, со поддршка од Европската Унија, се спроведе во сите земји од Балканскиот регион со идентична методологија дизајнирана од страна на „Глобалниот медиумски регистар“ што од 2021 делува како самостојна организација. Базата на податоци ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик