- Почна украсувањето на Куманово соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие „Куманово Паркинг“. Новогодишна декорација се поставува на градскиот плоштад со старите украси набавени лани, а наскоро почнува и украсување на малиот градски плоштад.

- Во тек е украсување на големиот градски плоштад со украсите набавени лани, а наскоро ќе почне украсувањето на малиот градски плоштад. Три милиони денари се одвоени од советот на општината, јавното претпријатие ја распиша и заврши тендерската постапка, мислам дека со новите и старите украси ќе се вклопиме во амбиентот за претстојните новогодишни празници, изјави директорот на ЈП „Куманово Паркинг“, Сашо Петрушевски.

Тој не сакаше да открива детали за украсувањето на малиот градски плоштад и рече дека подготвуваат изненадување за најмладите. Петрушевски апелираше сите одговорно да се однесуваат кон декорацијата. Лани, претпријатието ангажираше и агенција, а таа пракса планира да ја продолжи и годинава.

- Лани ангажиравме агенција. Имаше мали оштетувања, но бевме добро организирани и годинава исто ќе постапиме за таа проблематика, кажа Петрушевски.

Оваа година ќе бидат украсени само плоштадите, не и улиците, булеварите како што беше пракса изминативе години кога Куманово изнајмуваше украси, но од лани надлежните се одлучија да набават свои украси ќе останат во сопственост на градот.

- Сметаме дека ова е подобар начин, бидејќи овие украси си остануваат во сопственост на општината, додава Петрушевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2023 22:28