Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ денеска по 25 пат го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“за 2023 година, кој ќе трае до 15 јануари 2024 година.

Од Фондацијата информираат дека право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2023 година.

Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 23/1-1) секој работен ден од 12 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.

Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com

Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2024 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.

Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје,годинава ќе се додели јубилеен 25-ти пат.

Инаку лауреат на наградата „Роман на годината “ за 2022 година беше романот на Влада Урошевиќ „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на („Екс либрис“ 2022).



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2023 18:56