Во Музеј на македонската борба за самостојност денеска беше промовирана монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“ од авторите проф. д-р Љубица Јанчева и проф. д-р Александар Литовски.

Проектот е поддржан во Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура во музејската дејност.

Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик и промотор на монографијата истакна дека авторите го споделиле делото на две целини.

-Првиот дел македонската народноослободителната војна разгледува повеќе прашања во врска со македонската партизанска војска од 1941 до 1945 година почнувајќи од антиокупаторското востание во Вардарскиот дел на Македонија, потоа преку освртот на Народноослободителната борба во Македонија во 1942 година, во 1943, со политичката и воената организација на македонското националноослободително движење, првите слободни територии со што се овозможи отворање на првото училиште на македонски јазик на слободната територија во село Подвис, кичевско, важноста на Февруарскиот поход, пролетната офанзива, борбите во август 1944 година, првото заседание на АСНОМ, капитулацијата на Бугарија, целосното ослободување на Македонија во 1944 година, потоа заминувањето на првите партизани на Сремскиот фронт 1945 година и успешно завршените воени дејствија, рече таа.

Јованова-Грујовска потенцира дека преку овој преглед Литовски потсетува и дава опис на херојските подвизи на македонските родољубиви учесници на Народноослободителната борба.

Јованова-Грујовска нагласи дека вториот дел е дело на проф. д-р Љубица Јанчева се однесува на историскиот развој на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија и граѓаните продолжувачи од 1948 до 2023 година. Таа посочи дека Јанчева во делото потенцира дека Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија и граѓаните продолжувачи е државотворна организација, а сега здружение на граѓани формирано од борците кои во текот на Народноослободителната борба беа главен стожер на воените, политичките и повоените дејствија.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во своето обраќање пред присутните истакна дека Сојузот на борци како организација е живо сведоштво за храброста, истрајноста, за одлучноста и вербата во чекорите по исправниот пат и за прогресивниот дух што води напред.

-Поважно од тоа што се говори – е што се прави. И оваа констатација на нашите мудри повозрасни е секогаш пред нас, затоа што само со ваков пристап, зборовите стануваат дела и остануваат патоказ и за идните генерации. Клучниот период за македонската државност и за воведувањето на македонскиот службен јазик во нашата денешна македонска држава е Народно-ослободителната борба. Овој пристап во реализацијата на стратешките цели е посебно важен денес, кога сме исправени пред современите предизвици на дијалошките маси, за заокружување на современите битки од независноста на државата до денес. Тоа е членство и во Европската Унија, по членството во НАТО. И затоа е важен, но и неопходен овој пристап, во мотивацијата, дека - кога сме одлучно поставени по вистинскиот пат, нема недостижна цел, рече Ковачевски.

Премиерот информира дека од 2024 година во буџетот на државата ќе има ставка за Сојузот на борците и се одобрени 1.200.000 денари за активности кои што ги имаат Сојузот на борците



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2023 20:10