- Општина Битола ја заврши изработката на документацијата потребна за добивање одобрение за работа на прифатилиште за бездомни и нерегистрирани кучиња и е испратена до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да даде согласност за отпочнување со работа.
Од Општина Битола соопштија дека до АХВ е доставена цела документација, техничко – технолошки елаборат, список на опрема, приказ и организација на работата и биланс на работната сила, како и останатата придружна документација, потребна за извршување на оваа дејност.
-Прифатилиштето кое го изгради општината, располага со 33 „бокса“ со максимален капацитет од три кучиња по „бокс“ според законските барања, што претставува оптимален капацитет за ставање под контрола на овој проблем. Во рамки на прифатилиштето изграден е долг парк, кој е неопходен за хуман третман на животните и за спроведување на сите законски постапки при времениот престој на кучињата во прифатилиштето. Акцискиот план на општината за ставање под контрола на проблемот со уличната популација на хуман начин, според анализите изнесени во елаборатот, во прв план предвидува масована стерилизација на кучињата во рамките на шест до осум месеци на минимум 75 отсто од уличната популација на кучињата, по што ќе продолжи активноста за одржување на 75 насто стерилизирана популација со цел континуирано намалување на уличната популација по природен пат. Проблемот со уличните кучиња не е настанат во краток период и токму затоа, локалната самоуправа пристапи кон подготовка за отпочнување со работа на надворешниот дел од прифатилиштето, кое целосно ќе одговори на констатираната состојба и моменталните потреби, а ќе овозможи долгорошно решение, со рационално искористување на средствата од општинскиот буџет, соопштија од Општина Битола.
Прифатилиштето ќе почне со работа, веднаш по добивањето на одобрението од Агенцијата за храна и ветеринарство.