– Тренерот на прволигашот Рома, Жозе Мурињо, избегна денеска суспензија, но Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Италија го казни со 20.000 евра откако судијата на натпреварот против Сасуоло го нарече „нестабилен“.
Пред одигрувањето на натпреварот против Сасуоло на 3 декември, Мурињо ја доведе во прашање способноста на судијата на Матео Марченаро.
„Три пати ни судеше како четврти судија и мислам дека не е емотивно стабилен за натпревари на ова ниво“, рече во таа прилика Мурињо.
За време на истата прес – конференција Мурињо рече дека напаѓачот на Сасуоло Доменико Берарди „претерува во ситуациите кога е фаулиран со цел да изнуди жолт картон за противничкиот играч“.
Португалскиот тренер подоцна рече дека неговото познавање на италијанскиот јазик не е доволно прецизно да објасни одредени термини.
Парична казна доби и Рома која ќе треба да плати глоба од 20.000 евра, а средствата од двете казни ќе бидат наменети за медицински истражувања.