Стапката на имунизација со вакцини МРП против морбили или мали сипаници кај децата во Штип е на позадоволително ниво за разлика од она што го има на ниво на држава, вели, доктор Ана Бурева од ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип.
- За 2022 година првата доза ни е со 75,6% и втората доза, односно ревакцината, ни е со 93,7%. За разлика од овој процент којшто е за минатата година, последното тримесечје бележиме некој пораст со тоа што првата доза ни е со 84,3%, а ревакцината со 94,4%. Меѓутоа, на национално ниво овие вредности ни се пониски, и секогаш кога се под 90% има можност за појава на епидемија, особено, најповеќе се загрозени дечињата кои се под една годишна возраст, кои и онака не подлежат на имунизација и немаат доволно имунитет на оваа болест, вели Бурева.
Праксата покажува дека родителите почесто го одложуваат вакцинирањето поради страв од аутизам, отколку што го одбиваат. Д-р Бурева вели дека родителите треба да разговараат со лекарите за правилно да се информираат.
-Не би рекла дека одбивањето е целосно, туку родителите, можеби, имаат некој страв и чекаат одредена возраст за детето да прозбори, да прооди, што не е реално и треба да дојдат да поразговараат со нас. Ја примаат децата вакцината, но не во одредената возраст како што е по календарот, на една година, туку подоцна, веќе околу втората година овој процент се постигнува кај нас, вели Бурева.
Лекарите алармираат дека морбилите се високо заразно заболување кое има несакани последици по здравјето на децата, особено кај невакцинираните.
-Компликациите можат да бидат, потешка пневмонија, па и воспаление на мозокот и секако, многу ретко, но може да има и фатален исход, рече Бурева.
За да се постигне солиден колективен имунитет, потребна е вакцинација на 90 до 95 отсто од децата на една годишна возраст. Инаку во април годинава со морбили имаше заразено 13 - месечно дете од Свети Николе, кое беше лекувано на штипското Инфективно одделение.