Денеска сме на средба во Облешево со оризопроизводителите од овој регион, разговаравме за состојбата со откупот на оризот од оваа реколта.
Маките се реални, она што сега се случува на терен, цената започнува да се намалува и покрај тоа што земјоделците од овој регион преживеаја тешка година во однос на принос, рандман, проблеми со снабдување со вода итн.
Според информациите до кои што дојдовме од царинската управа, во Република Македонија во изминативе два месеци се увезени преку 100 тони бел ориз, потеклото на оризот е од Индија, Пакистан, Италија итн. и тоа многу влијае на домашното производство.
Се поставува прашањето каков ориз влегува, дали е тој безбеден за македонските граѓани, дали некој го контролира, затоа што ако земете в предвид дека за тој ориз да стигне од Индија до Македонија по некоја рентабилна цена за откупните компании нешто тука е сомнително.
Дополнително се поставува прашањето дали институциите прават контрола на терен и дали македонскиот, кочанскиот, ориз се меша со некој од тие увезни сорти па се манипулираат и потрошувачите ширум Република Македонија и дополнително она што постојано го говориме дека трговците, односно онаа организирана група, го јаде трудот на македонскиот земјоделец. Ако откупната цена на арпата е 30 денари за килограм, а во маркетите ширум Република Македонија пакување ориз од 950 грама чини преку 110, 120 денари, значи дека земјоделците работат за бадијала, а некој друг го јаде нивниот труд.
Разговаравме и за тоа што беше ветување дадено од министерот Николовски, од Владата на СДСМ, дека изминатава година ќе се променат законите во републичкото собрание и оризот ќе стане стратешка култура, гледаме дека тоа е уште една лага во низата лаги кои што ги пласираше власта. Ние како опозиција постојано апелиравме, дури предлагавме и измена на закони, меѓутоа власта не најде време да ја направи таа измена така да денеска можеме да кажеме дека оризопроизводството во Република Македонија е доведено до минимум.
Моментално плачат тутунарите од останатите делови на Македонија, оризарите ги преживуваат моменти, едноставно целото земјоделство е во колапс.
Како заклучок од оваа средба е дека се броени деновиве на оваа власт која што не се грижи за земјоделците во Република Македонија, која што Македонија ја направи комплетно увозно зависна од храна и дека доаѓаат подобри времиња со конкретни мерки, со правилни чекори, со сериозни политичари коишто ќе ги преземат институциите се со цел да ја вратиме надежта кај земјоделците за да можеме да го заживееме земјоделството, да Македонија се храни од домашното производство и нормално да имаме извоз на земјоделски производи.