Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Курир вели дека состојбата на терен со земјоделците е разочарувачка и вели дека власта не треба да си поигрува со земјоделците, бидејќи тие ја хранат нашата земја.
Тврди дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе има повисоки субвенции, откупни центри и сигурна цена.
КУРИР: Често сте на терен помеѓу земјоделците, иако ВМРО-ДПМНЕ веќе 7 години не е на власт, како ја коментирате состојбата во земјоделството од денешна перспектива?
Трипуновски: Состојбите на терен се разочарувачки. Од она што разговарам со земјоделците гледам голем револт, незадоволство, но и загриженост кај нив. И сосема е разбирлива оваа реакција, бидејќи секоја година е се понеизвесна кога станува збор за откуп и пласман на земјоделските производи, токму и поради тоа се случуваат тие протести и блокирања на патни правци. Дополнително ме загрижува и тоа што премиерот на Владата Димитар Ковачевски и министерот Љупчо Николовски се глуви на проблемите и барањата на земјоделците, и наместо да им помогнат, тие ги обвинуваат земјоделците дека протестите биле партиски или дека нивните барања биле не реални. Ковачевски до сега нема ниту една средба со земјоделците, и тоа е доволен показател дека не води грижа за нив. Така што според мене, никој не може да протестира доколку ситуацијата е одлична, сепак тоа се земјоделци кои со својот труд и работа прехрануваат цели семејства. Затоа слободно можам да кажам дека со СДСМ во земјоделието никогаш не било полошо.
КУРИР: Откривте неколку скандали поврзани со актуелниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, има ли реакција од Јавното обвинителство, може ли подетално да ни кажете за што точно станува збор?
Трипуновски: Објавував низа на коруптивни скандали, но за жал Јавното обвинителство се уште не води никаква истрага, иако нивна обврска е да постапат по допрен глас. Таков беше и скандалот кога Николовски издал нелегален документ за закуп на земјоделско земјиште кое е градежна парцела во општина Бутел, потоа земјиште во градежен реон на самиот брег на Дебарското езеро, и низа други договори. И тогаш повикав Јавното обвинителство да испита уште колку вакви спорни договори постојат. Исто така алармирав и за склучен договор во четири очи за сеча на опожарено дрво, а потоа истата таа фирма која важи за блиска до Николовски продава пелети по енормно висока цена и прави милионски суми на грбот на граѓаните. Но, и за ова немаше никаква реакција. Во овие 7 години има многу коруптивни скандали за кои граѓаните и имаат подзаборавено, бидејќи невозможно е да се памети се. Но, верувам дека со промена на власта и со ослободување на правосудните органи од рацете на владата на СДСМ, ќе има одговорност за секој што се огрешил пред законот. Само така ќе ја вратиме и довербата во судството, но и довербата на граѓаните во институциите.
КУРИР: Како го коментирате новиот метод на субвенционирање, кои се вашите гледишта?
Трипуновски: Па видете вака, новиот концепт на прераспределба на субвенциите е единствен проект на владата на СДСМ во земјоделството. Но и тој е погрешен. Новиот начин на субвенционирање предвидува авансно субвенционирање од 30 проценти во тековната година и дополнителни 70 проценти откако ќе се предаде родот во откупен и преработувачки пункт. Она што е спорно за земјоделците е што тие се условени да има минимална производна количина на земјоделски производ, која е нереална и далеку недостижна. А, со тоа не можат да го исполнат вториот услов и да ги земат оние дополнителни 70% од износот на субвенцијата, бидејќи фактот што ниту една година откако СДСМ е на власт нема сигурен пласман на земјоделските производи.
Така што наместо субвенциите да се зголемуваат, Владата дури и ги укина субвенциите на некои земјоделски култури и ги намали субвенциите кај одредени мерки.
КУРИР: Можат ли граѓаните да се сигурни дека земјоделските производи кои ги купуваат се безбедни, со оглед дека објавивте документи дека во дел од зеленчукот има пестициди, а од АХВ ве демантираа?
Трипуновски: Да, јас алармирав и апелирав граѓаните да се по внимателни, бидејќи храната која ја купуваат содржи пестициди. И излегов со документи од Државно санитарната лабораторија. Но, не е само во зеленчукот, туку пестициди се пронајдени и во овошјето, додека пак афлатоксини се најдени и во увозното млеко, за кое ние алармиравме и до ден денешен не знаеме каде заврши ова млеко, бидејќи од АХВ немаше демант. Граѓаните освен што јадат скапа храна, сега јадат и небезбедна и затоа една од мерките на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ е токму тоа максимално зајакнување на фитосанитарниот систем, односно навремена и целосна контрола на она кое што влегува во Македонија, бидејќи пред се и над се е здравјето на граѓаните.
КУРИР: На средбите кои ги имавте и трибините кои вашата партија ги организираше во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, изјавивте дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе реализира мерки и проекти за земјоделците во делот на наводнување на земјоделските површини, во делот на откуп и цена, може ли да ни откриете за што точно станува збор?
Трипуновски: Често сум прашуван од земјоделците што ќе направите вие како идна влада. Ние не ветуваме чуда, бидејќи тоа е невозможно, затоа што доколку им ветиме некој проект а не го реализирам, тогаш ќе излезам исти како СДСМ. А политиката на ВМРО-ДПМНЕ е да покажеме дека не се сите исти и да ја вратиме надежта кај земјоделците. Но, ветуваме реални проекти кои што ќе бидат реализирани и ќе ги решат нивните горливи проблеми. Проектите кои што ги најави и претседателот Мицкоски, а ќе бидат реализирани со новата ВМРО-ДПМНЕ е изградба на нови модерни дистрибутивни центри кои што веќе години наназад се зборуваат, а никако да станат реалност. Она кое што сметам дека е приоритет е министерството и Владата донесат минимални производствени цени кои што ќе бидат оној минимум за секој земјоделски производ во тековната година, бидејќи само така ќе можеме да зборуваме за рентабилно земјоделско производство.
Во делот на наводнување на земјоделските површини, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе 10 годишна програма за Водостопанство со 20 милиони евра инвестиции на годишно ниво за изградба и одржување на постоечките мрежи за наводнување. Ќе извршиме и целосна ревизија на договорите за делење на земјоделско земјиште, бидејќи земјоделското земјиште треба да биде распределено кај вистинските земјоделци, а не на луѓе кои немаат допирна точна со земјоделството. А исто така ќе се одвои сериозна сума на средства за модернизација на земјоделските производи, бидејќи без тоа не може да има рентабилно земјоделство. Ова е се што можам сега да кажа и откријам, но програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде содржинска, со визија и план за секој граѓани. Така што не чека многу работа и посветеност, ќе се потрудиме да го вратиме достоинството на земјоделците, бидејќи тие не се само категорија, туку се чесни луѓе кои со својот труд и работа ги хранат граѓаните на Македонија.
КУРИР: Македонија во 2024 година влегува во изборен процес, а од 28 јануари ќе има техничка влада, дали би прифатиле повторно да бидете дополнителен заменик министер за земјоделство доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да предложи свои кадри?
Трипуновски: Мое лично мислење е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада и да го спречи евентуалниот изборен поткуп кој власта го спрема. Видовте и сега што се случи, практично на само еден месец пред гласање на техничка Владата и Ковачевски носат таканаречен антикризен пакет кој ќе трае се до завршување на изборите, кој не е никаква реална помош ниту за граѓаните, ниту за земјоделците, туку е класичен обид за предизборен поткуп. И владата сака овој поткуп да го “озакони“. Во државата има висока стапка на инфлација, така што тие 1000 денари месечно не се никаква додадена вредност за граѓаните и земјоделците. Потценување е што Владата се надева дека ќе успее да ги поткупи земјоделците, бидејќи тие се чесни луѓе, кои заработуваат со труд и мака. Одлуката за мое назначување ќе ја донесе претседателот Христијан Мицкоски и органите на партијата. Се разбира доколку повторно ми биде дадена шанса и можност да бидам дополнителен заменик министер за земјоделство, со задоволство ќе прифатам и ќе работам чесно, одговорно и посветено како во претходниот мандат на техничката влада. И тогаш, но и сега и покрај ограничените надлежности ќе ја информирам јавноста за сите нерегуларности во МЗШВ и министерот Николовски.