- Почна изградбата на училишна повеќенаменска балон сала во подрачното училиште на ООУ „Гоце Делчев“ во штипската населба Три Чешми. Градоначалникот на Општина Штип на денешната прес-конференција рече дека на површина од 600 метри квадратни во наредниот период ќе се гради салата која треба да се користи од страна на учениците, но и жителите од оваа населба.
-Од денеска па во наредниот период ќе започнат активности за изградба на училишна повеќенаменска балон сала, која се надевам дека ќе биде искористена и од учениците, но и од жителите на самата населба Три чешми. Ова е децениско барање на жителите од оваа населба. Смогнавме сили преку ООУ „Гоце Делчев“ да распишеме тендер, избран е економски оператор, кој ќе ја изгради салата, рече Јорданов.
Директорот на ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Зоран Митев вели дека салата е долгогодишна желба и на вработените и на учениците и конечно почнува нејзината реалзација.
-Тоа е дамнешна желба и на вработените и на учениците и на жителите. Конечно ќе добиеме еден повеќенаменски објект кој ќе ја подобри реализицијата на физичкото образование, а со тоа и целокуниот образовен процес. Се надевам дека во најкраток период салата ќе биде изградена и пуштена во употреба, изјави Митев.
Освен балон салата во изминатиот период во оваа населба започнаа активности за адаптација на простории за детска градинка во која ќе бидат згрижени 30 дечиња.
-Адаптацијата е направена, има посебни простории за градинка и се надевам дека ќе добиеме согласност за одвивање на воспитно образовниот процес. Со тоа некаде околу 30 деца ќе бидат згрижени практично во самата населба, рече Јорданов.
Инвестицијата во училишна балон сала е вредна некаде околу 14 милиони денари.