Бендот „Де-Ен-Ка“, естрадните уметници Нино Величкоски, Татијана Стефановска, како и ди-џеите Јана Слеј и Багзи се некои од имињата задолжени да ги забавуваат охриѓани и гостите кои ќе решат Новата 2024 година да ја дочекаат на Градскиот плоштад во Охрид,.
Како што соопшти градоначалникот Кирил Пецаков, организираната забава за Новогодишните празници почнува на 28 декември со „Светот на Биби“. Наредниот ден на Градскиот плоштад ќе се игра театарската петстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а ден подоцна претставата „Далматино и Дедо Мраз“.
На 31 декември на плоштадот ќе се одржува музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“.
Сите шредвидени содржони што се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите, ќе започнуваат во 12:30 часот.
За главниот дел од забавата односно самиот дочек на Новата година се задолжени ди-џеите Јана Слеј и Багзи, Татијана Стефановска, групата „Де-Ен-Ка“, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за од 21:00 часот.
Забава во центарот на Охрид ќе има и на 1 јануари, со настапот на групата „Балкан џем“ и Драган Мијалкоски, предвидена да почне од 12 часот.
Најголемиот туристички центар во земјата веќе е подготвен за гостите кои ќе решат тука да ја дочекаат Новата 2024 година. Централното градско подрачје и поважните сообраќајници се веќе украсени со реквизити, низ градот се чувствува претпразничната атмосфера.
Досега потврдените резервации и успешната летна туристичка сезона укажуваат дека градот ќе биде добро посетен за „најлудата“ ноќ.
Хотелските капацитети за престојните новогодишни празници се веќе исполнети, особено оние со помал број легла. Помалите сместувачки објекти се речиси стопроцентно исполнети, се чува само по некоја соба колку за сместување свои коминтенти, додека однапред резервираните аранжмани се речиси распродадени.
Поголемите хотели на брегот на Охридското Езеро оваа година слично и на изминатите, ќе работаат за празниците како преку аранжмани,така и врз база на индивидуални посети, но без да организирааат дочек на Новата година. Понудата е различна, зависно категоријата на објектот, но цените се слични на минатогодишните, односно приближно 50 евра за ноќевање со појадок, до некаде 200 евра за тридневен полн пансион со свечена вечера за дочекот на Новата година.
Помалите хотели се целосно закупени и тоа најмногу со гости од соседните држави, од кои најбројни традиционално се оние од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора. Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број.