Шпанскиот фудбалски прволигаш Реал Мадрид потврди дека повредата на дефанзивецот Давид Алаба е сериозна и нема да може да се врати на теренот до крајот на сезоната, а неизвесен ќе биде и неговиот настап за австриската репрезентација на ЕУРО 2024.

Алаба ги повреди предните вкрстени лигаменти на левото колено на неделниот прволигашки натпревар против Виљареал (4-1) и според најавите ќе биде опериран во следните денови.

Рехабилитацијата се очекува да трае неколку месеци што го доведува во прашање и настапот на Алаба на Европското првенство кое од 14 јуни до 14 јули идната година ќе се одржи во Германија.

Алаба се повреди точно шест месеци пред првиот натпревар на Австрија на ЕУРО 2024.

Австрискиот дефанзивец е осмото име на списокот повредени во Реал Мадрид заедно со Арда Гулер, Дани Карвахал, Едуардо Камавинга, Винисиус, Ферланд Менди, Тибо Куртоа и Едер Милитао.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2023 05:53