Во моментов, јас можам да го кажам мојот и очекувам деновите кои што се пред нас, партиските органи да го донесат и партискиот став. Мојот став е дека, во едни вакви услови кога тоа е регулирано со закон, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во таа техничка влада, треба да номинира свои претставници, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото интервју во „360 степени“ која се емитува на МРТ во однос на учеството на партијата во техничката влада сто дена пред избори.
Но, додаде Мицкоски, истовремено треба да се воздржи од гласањето на составот на таа влада, затоа што цениме дека е спротивен изборот на првиот човек кој што ја води таа влада од законот на кој што таа техничка влада се повикува.
Мицкоски дополнува дека за него и за многу правни и уставни експерти кои што ги консултирал, техничката влада е имплант спротивен на Устав. „Во услови кога понудивме да нема техничка влада, во услови кога понудивме да одиме на овие избори со политички избрана влада, па дури и доколку тие имаат некаков си политички договор, повторно можеше они да си го испочитуваат тој договор, а да нема техничка влада. И тоа не значи дека условите се повеќе демократски, туку едноставно цениме дека еден имплант на нашето законодавство, кое што де факто, а и ако ги прашате уставните експерти ќе ви кажат и де јуре, е спротивен на уставот, треба да го избришеме. И ако бараме подобар начин да имаме подобар и поточен изборен процес, тогаш можеме да најдеме и да бидеме покреативни, а да биде во согласност со Устав и они тоа го одбија. Не знам за што го одбија, но го одбија. Тоа се, претпоставувам, нивни политички калкулации“, вели Мицкоски.
Мицкоски посочува дека учеството на ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзини кадри во техничката влада ќе се борат и ќе спречат изборен поткуп каков што имаше на последните локални избори кога имаше очигледен изборен поткуп од страна на структури од владејачките партии, без кој победата на ВМРО-ДПМНЕ како на пример во Кочани и Битола би биле многу поголеми.
„ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните во 2021 година, но на тие избори и во првиот и во вториот круг влеговме како аутсајдери, исто како што беше и на претседателските избори во 2019 година, направивме историски резултат но тој можеше да биде многу подобар. Ако поентата е дека самата победа испраќа порака дека изборите биле надежни, дека доверлив бил процесот, не се сложувам со тоа. Бидејќи и тогаш ние аргументиравме и посочивме многу недостатоци на самиот процес, обиди за корупција, злоупотреба на институции. Јас ќе ве потсетам што се случуваше во вториот круг во Кочани и во Битола каде што имавме, буквална, полициска опсада. Победата во Битола 24 илјади на 19 илјади гласа, можеше да биде 28 илјади наспроти 16 илјади, победата во Кочани наместо јас дента пред избори да одам таму, што се вели во полициска станица и да ме приведуваат и слично да создаваме тензија, и очигледен поткуп во едно мало место во Кочани, па победата место да биде со шест седум гласа, можеше да биде со 600-700. Гласот е глас, злоупотребата е злоупотреба, вие не можете да сторите помал криминал ако, да речеме, направите насилство на пиљара, а поголем криминал ако направите насилство и ограбите хипер маркет. Криминал е и тоа и ова е криминал“, рече Мицкоски.