Врз основа на истражување, добиен е податок дека само 27% од учениците во земјава се чувствуваат целосно безбедно во училиштето, истакна изврпниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиески на денешна панел дискусија „Како до училиште без насилство“.

Тој посочи дека за потребите на проект е направено почетно истражување во проектни училишта, со опфат од: 25 училишта (13 основни и 12 средни училишта), 810 ученици, 370 наставници, 74 стручни соработници и директори, 673 родители, соопшти СЕГА.

- За да го превенираме насилството во училиштето мора да се практикува пристапот на суштинско вклучување учениците и на сите чинители во училиштето (наставници, стручни служби, училишни тела, родители итн, потенцира Илиески.

На настанот се дискутирало и за потребите и предизвиците на училиштата при превенција и постапување при случаи на различни форми на насилство, а активно се вклучиле и наставници и стручни соработници од основни и средни училишта, институции, граѓански организации, како и ученици.

Цел на проектот е да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Преку проектот очекуваат да се подобри имплементацијата на законските одредби за ученичкото учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата, да се зајакнат капацитетите на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство. Воедно и да се унапреди примената на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.

Од Коалицијата СЕГА информираат дека младите потврдиле дека можат да бидат партнер на наставниот кадар и стручните соработници во училиштата кон превенција од насилство врз децата. Претставниците од ученичките организации и Сојузот на средношколци од земјава дискутирале за тоа колку и како учениците може да придонесат кон намалување на сите форми насилство во училиштата. Од друга страна, стручните соработници во училиштата ги истакнале за актуелните капацитети и предизвици за справување со формите на насилство во училиштата.

Томислав Гајтаноски, тим лидер на проектот од истражувањето заклучил дека физичкото насилство се намалува до одредена мера, но сепак училишното насилството се манифестира во различни форми, како што се вербалното, социјалното и психичкото насилство, што се потврдува со различните извештаи.

-Дополнително на училиштата им е потребна поддршка кон справување со кибер насилство кое зема се поголем замав во пост-ковид периодот. Од друга страна учениците се согласуваат дека ученичките организации можат да бидат сериозен фактор и сериозно да придонесат кон подигнување на свеста од последиците од разните форми на насилство”, потенцира Гајтаноски.

На настанот биле презентирани и генералните наоди на Државниот просветен инспекторат, како и на Канцеларијата на Народниот правобранител. Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител, ги потенцирала недостатоците на училиштата утврдени на терен во однос на заштитата на децата на сите нивоа.

Панел дискусијата „Како до училиште без насилство” се организираше во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ кој се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП - Лабораторија За Социјални Иновации, а финансиски е поддржан од Детската фондација Песталоци. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2023 21:31