– Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ порача оти е среќен во редовите на мадридски Реал, но не даде прецизен одговор дали ќе остане во Кралскиот клуб откако идниот јуни ќе му истече договорот.

Модриќ освои 23 трофеи откако дојде во Реал во летото 2012 година, а синоќа престижниот шпански спортски весник „АС“ му врачи награда за најдобар играч во средниот ред во изминатата деценија.

„Многу добро се чувствувам, уживам во секој момент во најдобриот клуб во светот“, рече Модриќ на свеченоста во Мадрид.

Триесет и осумгодишниот Модриќ, кој минатото лето одби неколку мултимилионски понуди од Саудиска Арабија, не сакаше да коментира околу евентуално продолжување на договорот со Реал.

„Не е време да се зборува за тоа, живеам во сегашноста, фокусиран на тоа што сега ми следува, а ќе видиме што ќе биде во иднина“, рече Модриќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2023 23:17