Британската полиција потврди денеска дека ги контактирала Астон Вила и Брентфорд за да дознае повеќе детали во врска со прославувањето на голот кој фудбалерот Оли Воткинс го постигна на дуелот меѓу двата клуба изминатиот викенд во Премиер лигата.

Астон Вила во неделата на гостински терен го совлада Брентфорд со 2-1, а победоносниот гол против својот поранешен клуб го постигна Воткинс во 85 минута. При прославувањето на погодокот, Воткинс влезе во голот и покрај мрежата со прстот покажуваше во правец на еден навивач за кој рече дека го навредувал за време на целиот натпревар.

„Ги контактиравме челниците на Астон Вила и на Брентфорд за да дознаеме повеќе детали“, соопшти полицијата.

Воткинс, од своја страна, изјави оти морал да реагира на навредите од навивачот.

„Едно лице ме навредуваше во текот на целиот натпревар, од првиот момент. Зборуваше работи од лична природа. Не беа тоа навреди на расна основа, но зборуваше многу работи. Помислив дека морам да му вратам. Тоа беше упатено само кон него и кон ниту еден друг човек на стадионот‘, рече Воткинс.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2023 00:55