Само 15 од вкупно 44 кандидати ги исполниле условите на распишаниот јавен повик за доделување стипендии и награди за талентирани ученици од Општина Штип. Согласно со изготвената ранг листа, првите тројца ќе добиваат стипендија од 3.000 денари, следните тројца ќе добијат стипендија во износ од 2.500 денари, а останатите деветмина добиваат по 2.000 денари, сите во времетраење од 12 месеца. Претседателката на Комисијата, Лидија Горачинова-Илиева вели дека тројца кандидати ќе добијат и еднократна парична помош во висина од 30.000 денари.
-Комисијата се состана двапати и ги разгледа поднесените апликации од страна на учениците од основните и средните училишта на територија на општина Штип за постигнатите резултати во учебната 2023/2024. Наградувањето се одвива согласно со Правилникот донесен од страна на советниците од Советот на Општина Штип. Од 44 апликации, условите ги исполнуваат само 15 ученици. Формирана е ранг-листа која денеска поминува на седницата на Советот на Општина Штип, рече Горачинова-Илиева.
Стипендијата ја добиваат ученици кои постигнале резултати на државно и меѓународно ниво за наставните предмети кои се изучуваат, додека еднократната парична награда се доделува на ученици кои постигнале резултати на државни и меѓународни натпревари, каде имало учесници од над десет држави. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ќе ги потпише договорите со ученциите со што и официјално ќе им биде доделена паричната поддршка за талентирани ученици.