- Општина Битола ја објави новогодишната програма „Зимска приказна“ која ќе почне викендов и ќе заврши на полноќ пред Офицерски дом во овој град.

- Пречекот на новата 2024 година, точно на полноќ, битолчани ќе го минат со битолскиот дувачки оркестар и стенд ап комедија со актерот Марјан Ѓорѓиевски, информираа локалната самоуправа.

Од 23 декември до 1 јануари на платото од Офицерски дом ќе настапат македонски диџеи, групи и оркестри од градот, а ќе има и богата програма за деца што ќе ја приредат деца и ученици од детските градинки, основните и средните училишта во Битола.

Во рамки на „Зимска приказна“ ќе настапат и фолклорните ансамбли „Плетенка“ и „Гоце Делчев“ од Битола, женскиот камерен хор „Керамија“ од Прилеп, македонските поп ѕвезди Ламбе Алабаковски, Виктор Апостоловски, како и „Влатко и оркестар Златко Миладиноски“.

На 31 декември новогодишната програма ќе почне претпладнето со театарските претстави „Новогодишни желби“, „Новогодишна збрка“ и „Санката на Дедо Мраз“, а во вечерниот термин познати бендови, битолскиот дувачки оркестар и стандап комичарот Марјан Ѓорѓевски.

Општина Битола на новогодишната ноќ нема да приреди огномет.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2023 22:53