Почесниот Конзулат на Република Србија со седиште во Охрид и општествено одговорниот сограѓанин Михајло Филев денеска предадоа донација за централната градска детска градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид.

Донацијата подразбира 15 интерактивни или сензорни табли и дидактички материјали за децата со посебни потреби и говорни нарушувања кои ја посетуваат Установата.

Од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ соопштуваат дека 14 интерактивни табли ќе бидат поставени во холовите на градинката и во објектите во просторни услови, за пристап да имаат сите дечиња, а најголеми придобивки ќе имаат токму децата со посебни потреби.

„Интерактивните, сензорните табли во најразлична форма служат за најразлични активности и тоа за развивање на фината моторика, визуелната и тактилната перцепција, координација око-рака, развивање на когнитивните способности кај децата. За дефектолошко-логопедскиот кабинет е обезбедена исто така сензорна табла и додатни дидактички материјали кои играат голема улога во развојот на децата“, потенцираат од управата на Установата.

Заблагодарувајќи се за донацијата, од градинката посочуваат дека сензорната табла, моторичката коцка, торбичките со активности, ротирачкиот мултифункционален проектор, пинцетите во боја, геометриските форми со врвки, се од голема важност за развојот на децата со посебни потреби и говорни нарушувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2023 23:39