- На почетокот на следната година би требало да се реализираат завршните активности за доградба и официјално отворање на Граничниот премин „Клепало“, велат од Царинската управа. Интензивно во моментов работи и бугарската страна, рече при денешната посета на Универзитетот ,,Гоце Делчев" -Штип, Златко Ветеровски помошник директор на Сектор за меѓународна соработка и европска интеграција, проекти и стратешко планирање, кој истакна дека проектот се реализира со грант преку Програмата за помош на Европската Унија „Крос бордер“, за која заеднички аплицирале Бугарија и Македонија, а македонската страна добила околу 4,5 милиони евра.

-Очекувам дека веќе во февруари или март ќе биде објавен јавниот повик за завршување на градежните работи и реконструкција на целокупната зграда. Истовремено, и бугарската страна, бидејќи е заеднички проект преку Програмата, интензивно работи на доградба и на пристапниот пат во рамки на обезбедените пари, така што во текот на следната година треба да започнат работите за финализирање и, верувам, за пуштање во употреба, вели Ветеровски.

И директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, оценува дека работите се раздвижени во последниот период. Сепак, посочува дека треба поголема волја да има и од бугарската страна. Додаде дека Граничниот премин „Клепало“ е важен од повеќе аспекти и токму затоа треба што поскоро да се дојде до завршната фаза на проектот.

-Мислам дека тука сериозно се размрдани работите во последно време, потпишувавме неодамна и договори, треба секако да има и поинтензивна волја и од другата страна, не само од оваа, и како Царинска управа и во име на државата. Како држава, навистина, сметаме дека е стратешки важно час поскоро да се отвори. Јас кога дојдов на позицијата веднаш се зафатив на таа работа и за Клепало, којшто е важен за Истокот, но и за Маркова нога, граничкиот премин. Очекувам во наредната година да има дополнително интензивирање на активностите со цел да дојдеме до финална фаза – отворање на тој граничен премин, истакна Богоев.

Разговорите за овој граничен премин се водат речиси три децении, а отворањето ќе овозможи подобра комуникација на граѓаните од двете страни на границата, размена на идеи, развој на економијата и туризмот и можност за нови вработувања и подобрување на социо-економската положба на граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2023 23:44