Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, ја поздрави ангажираноста на новинарите на Фик фаре, на тиранската телевизија Топ чанел, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, област Голо Брдо.

Пренесувајќи го партискиот став, Ендрит Фетаху потпретседател на партијата додава дека тоа е уште една потврда дека пописот на населението поминал со многу проблеми.

- Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда на она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности. Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која денеска приведе три лица вмешани во овој скандал, рече за МИА, Фетаху.

Фетаху, кој е син на Кимет Фетаху, еден од најгласните поборници за правата на Македонците во Албанија а по потекло е од Голо Брдо, го посочува, како што вели, веќе кажаното дека македонската задница во Албанија за време на пописот се соочуваше со притисок од страна на поединци и бугарските институции за да не даде точни податоци за етничката припадност а кои биле поддржани и од локални личности.

- Јавна тајна е дека, не само во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што е најголема концентрацијата на Македонците, а се најсиромашни области во државата, туку и по градовите, како Елбасан, Либраж и други се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и високи личности, како потпретседателката Јотова и амбасадорот во Тирана, преку уцени, поткуп и слично. Македонците беа уценувани дека ако не се попишат како Бугари ќе им бидат отфрлени барањата за добивање бугарско државјанство или ќе им се одземат веќе добиените државјанства, на што поради големата сиромаштија се принудени да аплицираат за да може да заминат во европските земји за обезбедување основна егзистенција, вели Фетаху. Тој посочува уште еден проблем во текот на пописот а тоа е што попишувачите, во повеќето случаи, на попишуваното лице не му ги поставувале прашањата кои, според Институтот за статистика, не беа задолжителни за одговор: етничка и верска припадност и јазик. Пописот на населението во Албанија беше спроведен од 18 септември до 30 октомври, односно до 15 ноември продолжен, но, само за одделени, пред сè ридско-планински области. МАЕИ, потсетува Фетаху достави барање до Институтот за статистика во продолжениот рок да биде опфатена и Мала Преспа, зашто „голем број семејства не биле посетени“, но истото не беше прифатено. Инаку, по синоќешната емисија полицијата уапси три лица, меѓу нив и администраторот на административната единица Острени и тие ќе одговараат пред судот во Пешкопеја. На денешната вонредна седница Советот на општина Булќиза, каде територијално припаѓа Острени разрешен е секретарот на советот Фитим Бала, еден од уапсените. Дел од советниците барале оставка и од градоначалничката Фестиме Мјештри, чиј брат Љуан Мјештри, администратор на Острени е еден од вмешаните во скандалот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2023 05:48