Со исказ на оштетената, Јилдз Веапоска, на која по породување со царски рез ѝ беа отстранети три органи, денеска во Основниот суд во Струга по трет пат почна судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син, доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.
Судењето почнува од почеток поради промена на судечкиот судија и јавниот обвинител, поради пензионирање на претходните кои го водеа процесот.
Тројцата лекари и во новиот исказ, пред судот се изјаснија дека не се чуствуваат виновни за кривичното дело што им се става на товар.
На барање на обвинителката Ермира Муса-Нура, Веапоска даде исказ во кој повтори дека имала уредна втора бременост, која ја следел првоосомничениот доктор Мухамед Асани. Тој, како што кажа, одлучил дека треба да се породи со царски рез, а во болницата ја примил второосомничениот, неговиот син Блертон Асани.
По извршениот царски рез, на 28 август 2020 година, оштетената посочи дека се разбудила со огромни болки во пределот на стомакот за што добила терапија. Иако, како што тврди, пет дена во болницата лежела со болки и голем оток во стомакот не ѝ биле направени никакви испитувања, сѐ до петтиот ден кога паднала во шок состојба и ѝ била направена операција во која ѝ биле отстранети матката, јајник и бубрег, а потоа била пренесена на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување - КАРИЛ во Скопје со обилно крварење. Таму, според Веапоска, ѝ била направена нова операција за да се спречи крварењето.
Бранителот на прво и второобвинетиот, Игор Петковски, во вкрстено испрашување, меѓу другото, ја праша Веапоска, дали имала претходно здравствени проблеми со отстранетите органи и со висок притисок, на што таа одговори негативно.
Адвокатот на оштетената, Сашо Јанев, изрази доверба во судијата и јавниот обвинител и рече дека очекува брза разрешница на случајот. Според него, главното прашање е кој, како и зошто ги извадил органите, а не дали и колку била во кома неговата клиентка.
- Што е важно дали била или не била во кома, важно имала органи во себе, а после царскиот рез немала органи во себе. Никаде не постои ниту медицинска историја за било каков проблем патолошки или физиопатолошки наод, ниту индикација дека требало да се лекуваат или да бидат отстранети. Тоа е суштината на процесот, а не дали била во кома или не, изјави Јанев по судењето.
Враќањето на постапката по трет пат и давањето исказ Веапоска вели дека ја враќа на случувањата од пред три години и оти тоа е многу тешко за неа.
- По трет пат давање исказ и враќање на тоа што ми се случи се повеќе и повеќе ми го скратува животот и сѐ повеќе сум изнемоштена. Наместо да дојде правдата и докторите да си ја добијат казната што ја заслужуваат, доведена сум повторно да го кажувам она низ што поминав, изјави Веапоска.
Очекува процесот да заврши што побргу и доколку обвинетите лекари не ја добијат казната тука, повтори дека правдата ќе ја бара во Стразбур.
Следното судско рочиште е закажано за 26 февруари, кога на предлог на одбраната треба да присуствува техничкиот советник, доктор Драге Дабевски од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.