- Справување со прекуграничниот криминал, односно спречување на кривично дело „криумчарење на мигранти“, беше темата на денешната тактичко - показна вежба ,,Рефлекс 2023, што се реализираше во месноста Моклиште кај Кавадарци, од страна на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, како дел од Одделот за гранични работи и миграции, со поддршка на ФРОНТЕКС, хеликоптерската единица на МВР, а во соработка со Општата болница Кавадарци.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека станува збор за заедничка координирана соработка на повеќе организациски единици при МВР во соработка со Општина Кавадарци. Притоа, нагласи тој, не случајно е избрана локацијата „12 ваташки младинци“.

- За нас тоа е историско место, но за криумчарите на мигранти, за жал, ова е користена маршута за прекуграничен криминал и спроведување на илегални мигранти, со оглед на непосредната близина на границата со Грција и планината Кожуф. Од досегашното наше искуство со илегалната миграција, како дел од рутата која мигрантите ја користат за да стигнат до западноевропските земји како нивна крајна дестинација, свесни сме дека криминалците, во трката за профит, постојано го менуваат начинот на дејствување, стануваат сѐ пософистицирани поради техничките средства кои им се на располагање за да останат невидливи, појасни министерот.

Затоа, подвлече тој, МВР континуирано презема засилени мерки и активности за справување со оваа закана и спречување нејзино ескалирање.

Спасовски истакна дека во однос на обидите за илегални преминувања, најголемиот притисок години наназад е токму на границата на Република Северна Македонија со Република Грција. Тој информираше дека годинава има за 50 проценти намалување на бројот на обидите за илегално преминување на границата, при што се откриени 12.000 мигранти. Тоа, рече, се должи на зајакнатите мерки и поефикасната контрола - како на самата гранична линија, така и преку работењето на пунктови во внатрешноста и секако, вклученоста на припадниците на Фронтекс. Бројот на откриени случаи на криумчарење на мигранти на подрачјето на Регионалниот центар Југ е сличен со минатата година.

- Откриени се 75 случаи во обид да се прокриумчарат 948 илегални мигранти, но ако го земеме предвид фактот дека бројот на мигранти во 2023 е намален за половина од лани, тоа говори за поголема ефикасност при откривањето на овие кривични дела годинава. Истовремено, секогаш имаме предвид дека при одговарањето на овој глобален предизвик, покрај на безбедносниот, мора истовремено да внимаваме и на хуманиот аспект, имајќи ја предвид нивната ранливост и водејќи сметка за почитување и заштита на основните права на секое лице мигрант, рече министерот.

Тој нагласи дека оттука и важноста на денешната тактичко-показна вежба. Впрочем, додаде, преку ваквите симулациски вежби, полицијата активно се подготвува за предизвиците од секојдневната работа, кои бараат врвна подготовка, размена на податоци и координиран ангажман. Затоа, подвлече, симулациите играат клучна улога во подобрувањето на полициската подготвеност и на нашите капацитети за брз и ефикасен одговор.

- Така ја зајакнуваме нашата безбедност, а рамо до рамо со полициските службеници од Фронтекс и безбедноста на европските граници. Би ја искористил оваа прилика да упатам честитки до еврокомесарката Јохансон и до земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент за постигнатиот историски договор за реформирање на миграциската политика на ЕУ пред два дена, кој допрва треба да мине низ формална ратификација, а се оценува како триумф на тригодишниот амбициозни напори за ставање крај на децениското ад-хок управување со кризи и едностраните мерки за справување со наглиот пораст на баратели на азил, изјави Спасовски.

Тој додаде дека новиот пакт за миграција и азил претставува законодавен проект кој ги опфаќа сите фази на управување со азил и миграција, почнувајќи од проверка на нерегуларните мигранти штом пристигнат во ЕУ, земање биометриски податоци, процедури за поднесување и постапување со барањата за азил, правилата за одредување која земја-членка е одговорна за постапување по овие барања, соработка и солидарност меѓу земјите-членки, но и како да се постапува во кризни ситуации, вклучително и случаи на инструментализација на мигрантите.

- Неговото значење е големо, бидејќи се очекува конечно да се воспостават предвидливи, јасни норми кои се обврзувачки за сите земји-членки, а крајната цел е воспоставување на рамнотежа помеѓу одговорноста на оние кои примаат најголем дел од барателите на азил и принципот на солидарност што треба да го почитуваат другите земји, рече министерот.

Пред вежбата, тој положи цвеќе на споменикот ,,12 Ваташки младинци" во Моклиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2023 01:06