Зонски и временски ограничено паркирање се двете мерки кои размислува да ги воведе ЈП „Стипион“ за Штип. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски вели дека мерките би можеле да се воведат во следниот период, а со тоа граѓаните во дел од градот да плаќаат повисока сума за паркинг и да се паркираат со временско ограничување.

-Размислуваме за зонски ограничено паркирање. Ова значи дека каде што е најгусто во централното градско подрачје, цената на билетите ќе чини повеќе, како што се оди подалеку, ќе се намалува и цената за паркинг. Уште една мерка којашто може да помогне и размислуваме да ја воведеме е мерката за временски органичено паркирање, каде што граѓаните ќе имаат право на една позиција да паркираат два часа, а потоа ќе мора да го преместат возилото, вели Стефановски.

Тој додава дека во следниот период ќе се воведе и косото паркирање во градот, што треба да го зголеми бројот на паркинг места. Дополнителен број треба да има и со паркирањето на нивоа, односно катната гаража, а ефект веќе дава хуманитарното паркирање, зашто во градот, според Стефановски, со тоа има повеќе паркинг места.

-Јас решението го гледам во повеќе систематски промени тука. Со една активност не може да се реши. За почеток ја воведовме хуманитарната зона, која освен хуманиот аспект, има и практичен аспект, а тоа е можност за повеќе достапни места во централното градско подрачје за граѓаните кои имаат итна институционална поддршка. Оваа мерка даде резултат, мислам дека е евидентно дека во градот има малку повеќе слободни места. Следна мерка, којашто треба да даде резултат, е воведувањето на косо паркирање во централното градско подрачје коешто се предвидува во следниот период, рече Стефановски.

Директорот на ЈП „Стипион“, Стефановски апелира граѓаните повеќе го користат и општинскиот автобуски превоз, тоа, секако, ќе биде најефикасна мерка за ослободување на паркинг-местата во градот и намалување на метежот во сообраќајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2023 05:25