Гудачкиот квартет „ВИВА Стрингс“ од Скопје ги издаде двата музички албуми Sounds from Macedonia и Electronic Sounds from Macedonia, соопшти денеска Дејан Теодосиевски, основач и виолончелист на гудачкиот квартет.

Албумот Sounds from Macedonia содржи 14 композиции, сите напишани од Теодосиевски, а композициите се мотивирани од македонските народни мелодии и песни, но со јасни елементи на модерен звук и ритам.

- Албумот Electronic Sounds from Macedonia е составен од 10 композиции кои се преработки на дел од првиот албум. Жанровски композициите гравитираат од џез, соул, диско до техно стил, со смела употреба на разни електронски и акустични инструменти. Двата албуми се снимени во тонското студио „Подрумот“ во Скопје.Снимањето, миксот и мастерингот на албумите е дело на Ангел Ќосев, се вели во соопштението од Теодосиевски.

Гудачкиот квартет „ВИВА Стрингс“, кој е формиран во 2012 година е составен од: Елена Талевска прва виолина, Димитар Михајловски втора виолина, Дубравка Зајкова виола и Дејан Теодосиевски виолончело.

Како најава на издавањето на албумите гудачкиот квартет снимил и видео спот за една од композициите „Студена вода“. Видеото за „Студена вода“ е изработено од продукциската куќа „Медиа таг“ од Скопје. Режисер на видеото е Филип Момировски



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2023 00:03