- Во Струмица стапуваат на сила препораки и мерки поради тоа што е надминат прагот на аерозагадување. Два дена мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ10 честички повеќе од дозволеното, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, надминат е прагот на аерозагадување во Струмица. Завчера во Струмица се измерени 188.13, а вчера 230.13 микрограми на метар кубен.
Од МЖСПП наведуваат дека согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата одржана на 28 ноември 2017 година, за градот Струмица стапуваат на сила повеќе препораки и мерки.
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува да се реорганизира работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Меѓу препораките е да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата се препорачува да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила. Се препорачува да обезбедат и ограничување на работите на градежните објекти.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство, пак, треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека ќе подготви и достави Препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
- ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините, стои во соопштението од МЖСПП.