Почна поставувањето на металната конструкција на првата катна гаража кај Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека по застојот на градежните работи деновиве интензивно се работи на оваа мини катна гаража.
-Можете да забележете дека интензивно се работи и очекуваме во наредните денови да се постави конструкцијата, а веднаш потоа да се работи на второто ниво, односно поставување на бетонска и на асфалтна подлога. Поставување на заштитна ограда на второто ниво, целосно осветлување на предвидениот простор за паркирање на две нивоа и со тоа да се овозможи за две недели од сега пуштање во употреба на првата мини катна гаража, рече Јорданов.
Катната гаража ќе овозможи паркирање на 55 возила. Штипскиот градоначалник најави дека веднаш по изградбата на оваа катна гаража, ќе почнат градежните активности и на втората на улицата „Ванчо Прќе“, меѓу стоковната куќа „Нама“ и првата станбена зграда.
- Во текот на наредната година ќе се изгради и третата катна гаража пред зградата Промаја, оваа катна гаража ќе биде на три нивоа, најави на денешната прес-конференција, Јорданов.
Изградбата на катните гаражи во централното градско подрачје е да се реши проблемот со паркирањето, но и со сообраќајниот хаос во Штип.