Комитетот на Бернската конвенција порача дека Бернската конвенција бара итно откажување на МХЕ Рибничка во НП Маврово и дека е неопходно е раскинување на концесиите на сите хидроцентрали во заштитените подрачја, соопшти невладината Еко-свест.

Во соопштението на Еко-свест се вели дека откако организацијата во 2013 година поднесе жалба пред Бернската конвенција при Советот на Европа се отвори меѓународниот случај „Развој на хидроенергетски проекти на територијата на националниот парк Маврово“. Случајот е отворен речиси 10 години бидејќи државата слабо напредува во почитување на усвоените препораки, велат од Еко-свест.

„Во последната одлука од 43-та седница, Комитетот на Бернската конвенција утврди дека постои напредок од страна на Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање поради обезбедување на буџет за почеток на процесот на репрогласување на Националниот парк Маврово. Комитетот истакна дека покрај откажувањето на Жировница 5 и 6 во НП Маврово, неопходно е раскинување на концесиите на сите хидроцентрали во заштитени подрачја и ја донесе следната одлука:

Се бара од државните власти:

– Веднаш да се откаже ХЕ Рибничка во НП Маврово;

– Да се раскинат сите други концесии за мали хидроелектрани во НП Шар Планина;

– Да го забрзаат репрогласувањето на Националниот парк Маврово и да се обезбедат соодветни јавни консултации во сите фази од процесот;

– Да се забрза усвојувањето на предлог Законот за води и Законот за заштита на природата, со што би се обезбедил развој на методологија за еколошки проток и забрана на хидроелектрани и други инфраструктурни проекти во заштитените подрачја;

– Да се подобри и обезбеди редовна координација и консултации меѓу државните органи и граѓанските организации;

– Да се обезбеди имплементација на сите точки од Препораката бр. 211 од 2021“.

Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Еко-свест, вели дека е време Владата да покаже волја дека во своите политики, закони и практики ќе ги интегрира препораките од Комитетот на Бернската конвенција.

Најважно во овој момент е итното раскинување на концесијата за МХЕ Рибничка со цел трајно ослободување на природата од неодржливите практики и конечното репрогласување на Маврово. Дополнително, мора да обезбедиме заштита на нашите природни богатства преку донесување на нов закон за природа кој ќе гарантира забрана за штетни инфраструктурни проекти во најчувствителните еколошки подрачја во државата, вели Чоловиќ Лешоска.

Препораките на Бернската конвенција имаат придобивки за нас и можат да ни помогнат полесно да ги исполниме целите за зачувување на биодиверзитетот и екосистемите кои се утврдени во Зелената агенда за Западен Балкан, како и Глобалната рамка за биодиверзитет на Конвенцијата за биолошка разновидност нагласува директорката на Еко-свест.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2023 04:50