Учениците , професорите и вработените од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во присуство на родителите, поранешни професори и бројни гости синоќа во салата на Народниот театар со свечена програма на која настапи хорот и оркестарот и пеење на македонската химна и химната на Велес „Болен ми лежи Миле Попјорданов“, ја започнаа последната програмска содржина од еднонеделната богата програма за одбележување на 115 години од раѓањето на нивниот патрон поетот и револуционер Кочо Рацин и 166 години работење на нивната Гимназија „Кочо Рацин“ која е прва на Балканот. Пред присутните се обрати и им го честита празникот директорот Илија Попов.
-Со гордост ќе се навратам на учебната 1857/58 година кога во Велес и на Балканот почнува со настава првото словенско училиште со повисоко образование од основното. Ова училиште ги собрало младите од градот, кој во тоа време бил под турско ропство. Училиштето го преживеало Илинден, Балканските и двете Светски војни. Во училиштето се создавал кадар кој ја подигал свеста кај народот. Почетоците на работата на велешката гимназија се поврзани со дејноста на Јордан Хаџи Константинов-Џинот во параклисот „Свети Ѓорѓија“ како потреба за тогаш веќе создадената велешка трговска класа нивните деца да имаат повисоко образование од основното. Со ширење на градот се зголемувал и бројот на ученици. Воедно гимназијата го менувала и местото на работење од црквата, па старото турско училиште кај Црна џамија, па кај Градското пазариште, па од 50 тите години на 20 век до денес да биде сместено во постоечкиот објект во новиот дел на градот, потсети Попов.
Тој потенцира дека во децениите на постоење велешката гимназија била предводник на многу образовни, прогресивни национални и културни идеи, додека особена гордост им претставува фактот што токму во велешката гимнзија која името „Кочо Рацин“ го добила во 1945 година и веднаш по ослободувањето во учебната 1945/46 година наставниот процес започнува на македонски јазик.
Програмата беше збогатена со театарската претстава „12 –тата ноќ“ по текст на Вилијам Шекспир во изведба на учениците од гимназијата „Кочо Рацин“ во режија на Ненад Витанов, режисер од велешкиот театар и поранешен ученик на велешката Гимназија, а со подготовките работеа и професорките по македонски јазик Цветанка Карамаркова и Весна Павлова. Во претставата и подготовките за неа беа вклучени 30 –тина ученици.
По успешната изведба на претставата учениците –актери беа наградени со долг и силен аплауз од бројната пубика во преполната сала на велешкиот театар