Производителите на тутун очекуваат денеска и утре сите откупни компании да го следат примерот на Тутунскиот комбинат Прилеп и да ја зголемат откупната цена на тутунот.
Како што рече денеска претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите, Менде Стомнароски, тутунарите очекуваат и предавањето на реколтата да тече без никакви проблеми.
-Мерките на Владата, но и покачувањето на откупните цени за кои синоќа донесе одлука ТК Прилеп, се добредојдени за тутунарите. Бевме во исчекување кога ќе се случи покачувањето на откупната цена и колку ќе изнесува иако нам секогаш, колку и да цената покачена, ќе ни биде мала. Очекувам сите останати компании да го следат примерот на ТК Прилеп. Денеска и утре очекувам да ја зголемат откупната цена и агонијата на чекањето за непредавање на количините да заврши, рече Стомнароски на прес-конференција во Владата.
Претходно, на прес-конференцијата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски соопшти дека тутунарите ќе добијат дополнителни 20 - 30 денари субвенција за предаден тутун по класи, а од 2024 година за нив се предвиден и „зелена нафта“, како и 6 000 денари поддршка за хектар површина.