Невладината организација World Medical Relief и Обединетата македонска дијаспора денеска донираа медицинска и немедицинска опрема на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.
На промотивниот настан во овој град, министерот за здравство Фатмир Беџити истакна дека со донацијата се врши зајакнување на потенцијалот на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.
-Во ЈЗУ Клиничка болница-Битола реализираме зајакнување со нова медицинска и немедицинска опрема во вкупна вредност од 450.000 долари, обезбедена со поддршка на невладината организација World Medical Relief и Обединетата македонска дијаспора. Станува збор за опрема во која има апарати за стерилизација, ортопедски помагала, болнички кревети, медицински столици, инхалатори, апарати за мерење на притисок и инструменти и заштитна опрема, истакна министерот Меџити.
Јавна благодарност до донаторот упати директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, Елизабета Ивановска која рече дека опремата е од големо значење и оти со неа ќе се подигне степенот и квалитетот на здравствените услуги и здравствената нега на пациентите од целиот регион.
Гордан Јорданов, од Обединета македонска дијаспора, пак, посочи дека за нив било предизвик да придонесат за подобрувањето и модернизирањето на здравствените установи. Нашата мисија, рече Јорданов е да ги оспособиме и осигураме медицинските установи за да може да ги услужат сите пациенти на кои им е потребна здравствена помош.
Од Министерството за здравство соопштија дека до крајот на годинава во ЈЗУ Клиничка болница-Битола ќе се реализираат 34 нови вработувања.