Митко Стоиловски e најдобар пожарникар во Велес за 2023, Зоран Блажевски е најдобар полицаец, а за хуманист на годината Општина Велес го прогласи Тоше Петрушев. Ермин Јаворовац е најдобар комунален работник. Наградите беа врачени денеска во Општина Велес.
Стоиловски е пожарникар спасител во Територијалната противпожарна единица Велес. Над три децении професионално и посветено учествува во сите активности и акции што се организираат за безбедност на граѓаните.
Полицискиот службеник Зоран Блажевски е вработен во БПС Велес од 2016 година. Блажевски е самостоен полицаец за криминалистичко-технички работи и е еден од најпрофесионалните и најодговорните во извршување на задачите во службата.
Хуманистот на годината Тоше Петрушев цели 44 години непрекинато и несебично дарува крв. Годинава по 117-ти пат се впиша во книгата на крводарители.
Најдобриот комунален работник во Велес за 2023 година Ермин Јаворовац е вработен во Јавното комунално претпријатие „Дервен“. Јаворовец се истакнува со својата професионалност, посветеност и волја да се справи со секоја доверена задача, секогаш во интерес на граѓаните
Градоначалникот на Велес Марко Колев им посака добро здравје и успеси во Новата 2024 година.
-Во 2024 година ќе продолжиме со исто темпо на работа и развој и очекувам со сите локални и државни институции да продолжи соработката во интерес на граѓаните. Ви посакувам добро здравје, среќа и многу успеси во Новата година, истакна Колев.
На денешната свеченост, Општина Велес им ги додели стипендии на најталентираните ученици и студенти за учебната 2023/2024 година. Стипендии добија 27 средношколци и 9 студенти. И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес и Жито Маркети Велес. Стипендии за талентирани средношколци обезбеди и Општина Велес.
Оваа 2023 година е успешна приказна на Средното општинско училиште „Гимназија Кочо Рацин“, а Општина Велес им додели благодарница за постигнатите резултати на државно и меѓународно ниво.
Благодарница доби и тимот од секторот „Паркови и зеленило на ЈКП Дервен“ за визуелното разубавување и збогатување на градот.
Општина Велес ги додели и јубилејните награди на свои вработени за 10 и 15 години континуирано работење во локалната самоуправа.
Свеченоста ја збогати настапот на македонските музички амбасадори, Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентската палка на професорката Веселинка Маџарова.