- Вкупниот буџетот на Куманово за наредната година е две милијарди и 169 милиони денари. Раководителката на секторот, Ирена Илиевска кажа дека основниот буџет со 1.178.731.000 денари е поголем во однос на првичниот и на ребалансираниот буџет, пренесен е и дел од претходното салдо од 444 милиони денари.
Сопствените приходи општината, како што рече, ги остварува преку даноците, надоместок на уредување на градежно земјиште, неданочните приходи и трансферите кои општината ги очекува од државниот буџет и капиталните приходите. Во ист износ се и расходите, поделени на тековни и капитални и развојни. Капиталните се во износ од 441 милион 300.000 денари, тековните се една милијарда, 972 милиони денари, а развојните се 165 милиони денари.
Таа информира дека и расходите се зголемени во однос на претходната година, вклучувајќи ги програмите на јавните претпријатија, за уредување на градежно земјиште, спорт, заштита на животна средина, за локален економски развој и други усвоени на седницата.
- Прв пат од пренесен вишок на приходи се одземаат одливи. Отплата за земениот кредит на општината и достасуваат првите две главнини во март и септември и вкупниот дефицит е 438 милиони денари, рече Илиевска пред советниците.
Развојната компонента има четири програми - гасификација, изградба на улици, на кружни текови, на водоводна и изградба на фекална и атмосферска канализација.
- Ова ќе биде рекорден буџет од финансиски аспект за општина Куманово за изминативе 30 години. Општината е во стабилна финансиска состојба, без разлика што имаме за враќање кредит од еден милион евра за набавката на работните машини за претпријатијата, кажа градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Тој наведе дека ќе се реализираат повеќе проекти, изградба на улици, подземна, надземна инфраструктура, водовод, канализации, покривање на бројни социјални трансфери, финансирање спорт, култура... Зголемени се програмите за претпријатијата. Во јануари, повторно ќе се разгледува буџетот, Димитриевски е задоволен од приходната страна, најави завршување на проекти за кои се чека согласност на пример за малиот градски плоштад, за Соколана дополнителни средства.
- Куманово ќе добие уште еден кружен тек кај „Доне Божинов“, а се подготвува и терен за изградба на кружен тек кај зелениот пазар и со првиот ребаланс ќе се испланираат средства. Од државниот буџет за жал, годинава на општина Куманово и се скратени 39 милиони денари за реконструкција на градскиот парк и бевме обврзани да ги обезбедиме од сопствените средства, рече Димитриевски.
Тој кажа дека други општини, помали од Куманово добиваат средства како што е Крива Паланка и изрази сомневање дека одлуката е политичка. Повика сите претставници од различните партии во државните институции да покажат „локал-патриотизам“ на дело.
- Единствена општина сме со задоцнет ребаланс. Очекуваме поголема реализација, бидејќи голем дел од средствата се префрлени за 2024-та. Во однос на парите од државата, мислиме дека општината не аплицираше за проекти, иако Владата, годинава одвои најмногу средства за развој на општините. Општинската администрација не аплицирала за ниту еден проект. Но, сепак сите програми коишто секоја година се гласаат и се составен дел од буџетот се програми донесени во претходните мандати кога СДСМ беше мнозинство во градот, изјави координаторот на советничка група на СДСМ и коалицијата, Александар Јовановски.
Буџетот беше изгласан едногласно, а и останатите точки поврзани со него со генерална согласност од советниците од најголемата општина од државата.