Граѓанскиот центар „Активум“ и кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“ организираа работилници за превенција на онлајн врсничко насилство, информираа денеска од здружението. Од здружението и од училиштето велат дека продолжуваат успешно да работат на превенција на онлајн врсничкото насилство меѓу ученици од шесто до деветто одделение.

Во последните три месеци во рамки на училиштето се организираа осум работилници за 50 наставници од училиштето, преку што најпрво наставниот кадар се запозна со различни облици на сајбер закани за младите, како да ги препознаат, кои се обврските на училиштето во справувањето и на кој начин можат да соработуваат меѓу себе, со родителите, но и полицијата на превенција и заштита.

- Последователно се организираа и спроведоа 20 работилници за 40 ученици на тема типови на сајбер булинг и онлајн заштита. Групата од 40 ученици ги опфати претседателите и потпретседателите на сите одделенија вишите одделенија во училиштето. По принципот на врсничка едукација, овие претседатели и потпретседатели, секој во своето одделение одржа по пет работилници на темите, со што информациите стигнаа до секој ученик во училиштето, изјави, Марија Тошева од „Активум“.

Сите обуки ги спроведуваат наставник по информатика, училишниот педагог и претставник на СВР Куманово, сектор за компјутерски криминал.

- Евидентно беше како на првите работилници децата беа многу воздржани јавно и лично да говорат за сајбер насилство било да е од позиција на насилник или жртва. Веднаш се виде дека учениците и не знаат дека со одредени нивни постапки сториле булинг врз нивно другарче, а особено важен е моментот дека воопшто не беа свесни дека за сајбер насилство постојат последици, појаснува Тошева.

Од здружението велат дека работилниците се интерактивни, со користат примери, видеа од youtube, примери од медиуми од држава и Србија, учениците истражувале директно за разликување на лажни од вистински вести, информации и профили, цртале и креативно се изразувале што придонело за креирање атмосфера во која се споделуваат вистински случувања и се работи на утврдување на чекорите со кои ќе се спречи сличните случувања да се повторуваат и да се разрешат.

- Секоја работилница завршува со Кahoot квиз натпревар за проценка на тоа колку запаметиле од работилницата. На ваков забавен начин, тие се натпреваруваат, но всушност и ги утврдуваат информациите кои ги добиваат за време на работилницата, додава Тошева.

Во училиштето се креираше и анонимно сандаче за пријавување на случаи или поставување на прашања кои би сакале да се обработат на обуките, со што ќе се овозможи анонимно обраќање од учениците до обучувачите и стручната служба во училиштето. Сандачето е креирано и физички, во вид на поштенско сандаче, обележано и поставено на пристапно, а сепак доверливо место во училиштето, но и електронско сандаче кое се промовира на работилниците и од страна на школскиот педагог. Работилниците ќе продолжат и во второто полугодие, овојпат со акцент на социјалните и комуникациски вештини на учениците, како важен дел од справувањето со врсничкото насилство. Активностите се реализираат во рамки на проектот „Think b4 you click – Размисли пред да кликнеш“ кој заеднички го спроведуваат граѓански центар „Активум“ и ОУ „Крсте Мисирков“. Проектот е поддржан од Фондација „Отворено општество Македонија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2023 18:40