Систем за навигација на одделот за оториноларингологија и база на череп, кој е прв ваков апарат во нашата држава и пошироко во регионот, беше промовиран денеска во ГОБ „8 Септември“. Министерот за здравство, Фатмир Меџити рече дека станува збор за нова медицинска опрема обезбедена од Министерството, за унапредување на здравствените услуги во оваа јавна здравствена установа.
- Со новата апаратура, чија вредност изнесува 12 милиони денари, може безбедно да се изведуваат најсложени операции во областа на риносинусологијата и база на мозок, како и хируршки да се третираат тумори во оваа област. Пациентите повеќе нема да се упатуваат за лекување во странство, како што беше досега, а тенденцијата е оваа здравствена установа да прерасне во регионален центар во оваа област, нагласи министерот.
Тој соопшти дека набавен е и нов HD систем за ендоскопски процедури со гастроскоп и колоноскоп, во вкупна вредност од 6.2 милиони денари, со што значително се подобруваат здравствените услуги во делот на ендоскопски процедури во ГОБ „8 Септември“.
- Исто така, за оваа ЈЗУ се обезбедени и пет нови апарати за хемодијализа во вкупна вредност од 5.3 милиони денари. Апаратите се веќе пристигнати и ставени во функција на одделот за нефрологија и со нив значително се подобрува хемодијализниот третман во ГОБ 8-ми Септември, додаде Меџити.
Министерот информираше дека заради зголемениот број пациенти во нефролошките амбуланти, како и бројот на хоспитализирани пациенти, се планира отворање нов оддел за нефрологија, заедно со онкологија, обезбедување ехо апарат за потребите на ехо амбулантата, како и воведување нови методи, како што се ренална биопсија, доплер на ренални артерии и пункции, односно евакуации на ренални цисти.
- Како Влада сме посветени на сериозно вложување и унапредување на здравствениот систем, кој се стремиме да го направиме модерен, квалитетен и достапен за сите наши граѓани, рече Меџити