- Претпразнично во кумановската болница на детското одделение хоспитализирани се 15 дечиња, дел со полесна клиничка слика се пуштени на домашно лекување, информираа денеска надлежните од установата. Најмладиот пациент е новороденче од месец дена со опструкција. За 24 часа лекарите од детско одделение прегледуваат до 80 деца. На дневна болница има 25 деца. -Првин кај децата се јавува температура, два до три дена со горнореспираторни симптоми, носна секреција, кашлица која е ретка и надразнителна. По два-три дена може нагло да се влоши состојбата со опструкции, пневмонии, тешки бронхиолити. Овој месец имавме пациенти кои се лекуваа и по месец дена, со кислородна терапија, по три-четири дена изјави началничката на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.

Болницата извршила испитувања и утврдила дека во 90 проценти од случаите станува збор за респираторен вирус, главен за појава на бронхиолити.

-Наскоро почнува распустот. Ќе има помалку контакти. Важно е да се проветрува просторијата, контактите да се сведат на минимум, да се консумира храна богата со витамини. Ако се забележат првите симптоми децата да не се праќаат во градинка или училиште. Да се чуваат, изолираат. Ако два-три дена не се подобри состојбата да се јават кај матичен и кај нас, препорачува д-р Бајрами.

Таа појаснува дека температура до 38,5 значи дека организмот сам се бори со вирусите, веќе повисока температура бара помош.

Одделението е добро екипирано и можат да се справат со зголемен број на заболени деца.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2023 23:22