Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира за време на продолжениот празничен викенд да не се палат стрништа и остататоци од земјоделски култури на нивите. Да не се палат пластични и гумирани работи, отпадоци и депонии на отворено, особено во овој период кога има, како што наведуваат, загаден воздух во Скопје и во други градови во нашата држава.

- Се уште има пожари на отворено. Пожарникарите, во последното деноноќие, од Скопје, Гевгелија и Струмица интервенирале на најмалку три такви пожари. Гаснеле запалена ниска вегетација, а во Скопско гаснеле и запалена депонија кај месноста „Вардариште“ во Општина Гази Баба, информира ЦУК.

Во Центарот за управување со кризи, според последниот извештај, имало вкупно 1.917 повици на Единствениот број за итни случаи 112 во последното деноноќие. Од нив „реални“ повици биле 38,18 отсто, а 61,82 отсто биле именувани како „неитни повици“.

Согласно генералната природа на настаните кон полиција биле упатени 63,57 отсто, кон Итнатата медицинска помош 30,93 отсто, а кон пожарникарите 2,41 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

- Повици за итни случаи на 112, што се за комбинирано решавање кон ЦУК, имало 3,09 отсто од реалните. Тие повици, заедно со другите („неитни повици“) 36,28 отсто, вкупно 1.194 заедно, биле предмет на примање и обработка во ЦУК, преку дежурните оперативци во Секторот Е-112, во содејство со Секторот за операции и координација, со стандардните оперативни процедури во координација со институциите во Системот за управување со кризи (СУК), се наведува во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2023 09:14