Во Тиквешко се практикува посебен обичај „Игнат подигнат" на денешниот празник Свети Игнатиј Богоносец. Така беше и денеска, на овој ден родителите ги подигнуваат своите деца на куќниот праг за да раснат здрави и среќни.
- Тоа е традиција во Тиквешијата и моето семејство. Така било отсекогаш откако паметам за себе, така ќе биде и понатаму. Овој обичај се пренесува од колено на колено, рече за МИА, Викторија Димова, мајка на три деца.
Внимавајте денеска е ,,Игнат подигнат", можете да слушнете во Тиквешко, каде што се верува дека тоа што ќе го правите на овој ден, ќе го правите целата година.
Влатко Стоименов, прота-ѓакон во Македонската православна црква - Охридска архиепископија, појасни за МИА, дека денеска се слави Свети Игнатиј , кој бил ученик на апостолите, еден од најголемите светители, теоретичари. По него бил именуван големиот пат ,,Виа Игнација", а бил осуден и погубен со фрлање во арена со лавови. Тој представува еден од поголемите празници, проследуван со многу обичаи и народни верувања.