Штипската улицата „Пиринска“, која пред извесен временски период доби нов асфалт е една од улиците кои ќе мора повторно да се асфалтираат заради неквалитетна изработка. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска изврши увид, по реакцијата на граѓаните дека изведувачот ги има улиците неквалитетно асфалтирано. Забележа дека изведувачот ќе мора да изврши поправки на негов трошок, а никако не смее да биде на штета на граѓаните.

-Со оглед на тоа што се наоѓаме во период којшто е неработен за градежните компании, ја користиме приликата да направиме увид на сето она коешто е направено како инфраструктура во изминатата 2023 година, да ги посетиме сите улици, тротоарски површини, објекти којшто беа реализирани. Мора да бидам објективен и да посочам дека има одредени неквалитетно извршени активности, градежни зафати, асфалтирања, коишто изведувачите ќе имаат обврска повторно на нивен трошок да ги направат, рече Јорданов.

Тој посочи дека Општина Штип има три механизми во ваков случај - активирање на банкарската гаранција, давање негативна референца за изведувачот или, пак, неплаќање на проектот којшто е реализиран. Забелешките коишто ќе ги пријават граѓаните ќе бидат посочени на изведувачите, по што Јорданов се надева дека штом се создадат прилики за градежна активност, пропустите ќе бидат отстранети.

-Извршен е увид и со записник од страна на надзор ќе се достави Извештај до изведувачот, којшто ќе има обврска да ја коригира оваа улица, но и други улици кои се неквалитетно направени, така што морам да бидам самокритичен и да споделам со јавноста дека и јас не сум задоволен од тоа како одредени активности се реализирани. Мора да се изврши корекција, одново да се реализираат овие предвидени активности или инфраструктурни проекти. Граѓаните не смеат да ја плаќаат оваа грешка, затоа, како што напоменав, обврска на изведувачите е да гарантираат за квалитетот и секаде онаму што ќе се констатира неквалитет, на нивен трошок ќе мора да се санираат, рече Јорданов.

Тој се извини на жителите на овие улици кои не се соодветно направени, односно се со слаб квалитет.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/01/2024 17:20